Македонија
7. December 2017 - 10:27

Арсовски: Разговорите во Брисел обид за „опипување на пулсот“

Амбасадорот Љупчо Арсовски, кој беше прв дипломатски претставник на Македонија во Грција, во интервју за МИА вели дека не очекува на разговорите за името закажани за в понеделник во Брисел  медијаторот Метју Нимиц да излезе со конкретен предлог.

- Мислам дека е прерано или премногу сугестивно и амбициозно, дека Нимиц ќе изнесе конкретен предлог кој ќе биде веднаш соопштен. Повеќе размислувам за одредени разговори во насока „да се почувствува пулсот“. Климата и во двете земји на внатрешен план не соодветствува за пријатен простор за соопштување на одредени предлози кои би биле веднаш нападнати од „дежурните патриоти“ кои ги има во двете земји, смета амбасадорот Арсовски.

Зголемениот интерес на Западот за затворање на прашањето на името со потреба за поголема подготвеност да се изврши притисок врз власта во Атина, амбасадорот Арсовски го поврзува со одредени безбедносни прашања врзани за овој регион имајќи ја предвид „големата слика“.

- Но, треба да знаеме дека Грција нема така лесно да се повлече од своите позиции кои ги освоила на овој или оној начин. Ќе бара одредени сигурни станици во тој процес на нашиот пат кон НАТО, пред се, а потоа и кон ЕУ, што ќе значат гаранции за нејзините позиции кои ќе бидат прикажани како наводно нејзина добра волја, навидум „нежно“ повлекување, се во функција на нашот прием во НАТО. Но, потоа ќе следат секако и други нејзини услови врзано за изборот на компромисот, оценува македонскиот дипломат.

Најавите од македонска страна во насока на релаксација на односите и градење доверба за преименување на аеродромот во Скопје, отстранување на споменици и ревизија на учебниците по историја, според искусниот дипломат не треба да бидат направени како гест на добра волја, туку во вистински момент. 

- Своевремено и Оливер Стоун сними филм за Алксандар Велики и не ги праша Грците ниту бараше одобрение за неговото сценарио. Имаше тогаш многу критики, но и тоа стивна и тоа е природно, сепак се тоа уметнички дела, вакви или онакви... Во Скопје, на пример, живеел многу години и Гркот Зорбас, кој е починат и неговиот гроб се наоѓа на Градските гробишта во Бутел. Без оглед на тоа што најпознатиот грчки пистаел Казанзакис ја смести неговата смрт на островот Крит, и така, за жал, како погрешно информирани веруват мнозинството Грци, тој момент може да спојува и потстетува како пример за некогаш отворен простор во овој убав регион, вели Арсовски.

Тој се согласува дека на грчка страна постојат одредени позитивни движења околу употреба на зборот Македонија, но, проблемот останува со оглед дека опстојуваат на ставот за име со географска одредница за севкупна употреба.

Смета дека после 10 години од „чудесната изведба“ со заклучокот на НАТО во Букурешт, треба да се очекува некое решение за наш прием во НАТО на идниот Самит 2018 што е предвидено во Времената Спогодба. 

Доколку овој обид заврши неуспешно важно е која страна за тоа ќе биде обвинета, како и дека треба да размислуваме и за некои други потези, сугерира амбасадорот Љупчо Арсовски во интервју за МИА кое ќе биде објавено утре.