Македонија
1. September 2021 - 13:17

Арсовски: Луѓето од Авганистан се на привремен престој во земјава

Владата е вклучена во голема светска хуманитарна операција и граѓаните треба да бидат горди на тоа особено затоа што им се помага на луѓе кои се во животозагрозувачка ситуација како првата група која пристигна од Авганистан, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, коментирајќи ја изјавата на лидерот на опозицијата дека е против одлуката овие граѓани да се згрижуваат во земјава.

Одговарајќи на новинарски прашања, Арсовски рече дека не станува збор за бегалци, туку за луѓе кои работеле во меѓународни организации и кои се на привремен престој во земјава.

– Со целиот капацитет се насочени сите сили на институциите на државата да им се помогне на овие луѓе кои не се бегалци, туку се луѓе кои се вработени во меѓународни организации и кои доаѓаат во Македонија одреден период додека да се средат сите документи за нивно продолжување до крајната дестинација – САД или трети држави, подвлече владиниот портпарол на редовната прес-конференција во Владата.