Македонија
21. October 2020 - 14:22

Арсовски: Изјавите на Каракачанов се недостојни и недолични, ние веруваме во решенија

Изјавите на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов се недостојни и недолични. Ние веруваме во решенија и сме убедени дека нашиот сосед којшто прв ја призна независноста на Македонија и беше промотор на нашата интеграција нема да помисли да го оспорува правото на идентитет и самоопределување, изјави денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски, коментирајќи ја изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека е подготвен да прати инжинериски полк во Македонија да ги урне спомениците.   

Арсовски истовремено упати и на денешната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.  

 Јас можам да повторам дека ваквите изјави се недостојни и недолични. Претставници на две земји – членки на НАТО не може да комуницираат на ваков начин меѓусебе. Ние сепак веруваме во решенија, тоа и досега сме го покажале дека знаеме да  постигнуваме решенија, но исто така сме убедени дека земја сосед којашто прва ја призна независноста на Македонија и којашто беше прв промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и кон ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитет и самоопределување на пријателскиот македонски народ, така што можеме само да изразиме оптимизам дека ова не е став на мнозинството граѓани и на академската јавност таму и уверени сме дека ќе се изнајде решение, рече Арсовски на прашање на новинар на МИА. 

За тоа дали ваквите изјави би влијаеле врз исходот на раговорите на премиерот Зоран Заев и на бугарскиот премиер Бојко Борис, тој вели дека треба да се разграничи тоа што работа на политичарите од она што е на Комисијата за историски прашања.   

 -Важно е да се испрати порака во насока на тоа дека треба да се остават тие да си ја работат својата работа, а политичарите да дадат свој придонес на таков начин што нема да ја поткреваат атмосферата. Можам да го повторам ставот на премиерот Заев се надева дека се надева оти ќе  изнајде заедничко решение со неговиот колега Борисов, особено затоа што ова не е став на граѓаните и на тамошната јавност, рече Арсовски, кому ова му е прва прес-конференција како портпарол на Владата.  

Во однос на тоа дали до Бугарија ќе биде испратена протестна нота поради изјавата на Каракачанов, Арсовски рече дека до  моментот на прес-конференцијата немало такво нешто.