Македонија
10. September 2019 - 15:28

Арсовски: Истрагата за случајот „Рекет“ е девалвирана и компромитирана

Истрагата за случајот „Рекет“ е девалвирана и компромитирана.

Обвинителството не ја води според процедурите, туку свесно ја развлекува и ја турка под тепих.

Сведоци сме изминатиов период на низа неправилности во целата истрага додека ја води обвинителството. Сведоци сме како низ медиумите излегуваат мал милион докази, документи и записи од истрагата, а обвинителството цело време молчи и се однесува збунето како да не е од оваа планета.

Сведоци сме од објави на интернет просторот дека од УБК се изнесувале доверливи информации и веднаш потоа со истите тие информации рекетарите уценувале бизнисмени и недолжни граѓани.

Затоа прашуваме, кои се бизнисмени биле предмет на уцена и им било изнудено пари?

Дали е вистина дека со такви материјали кои биле изнесени од УБК бил уценуван многу познат бизнисмен кој го знае јавноста. Чиј роднина има на некој начин исплатено огромна сума на пари за да се прикријат истите незаконски дејствија за кои што се споменува дека биле вмешани и малолетни лица?

Кои функционери од МВР му ги доставиле истите документи за уцена на Боки 13 и дали се повикани веќе на распит?

Очигледно е дека истрагата на обвинителството за случајот „Рекет“ доцни повеќе од 4 месеци, а тоа се со една цел, да се прикријат нарачателите и доказите за целиот случај.

Едно е јасно. Одговорност мора да има и ќе има. Ако некој мисли дека Русковска ќе го спаси од целиот криминал кој што го направил, многу погрешил.

Потребни се предвремени парламентарни избори веднаш и потребна е обнова на Македонија која набргу ќе дојде по падот на СДСМ.

Прашање: Вечерва е лидерска средба која е најавена, а велите дека покрај разговорите за Законот за јавно обвинителство, таму исто ќе го отворите прашањето за предвремени избори. Премиерот Заев предмалку даде изјава и рече дека предвремени избори се прифатливи во октомври 2020 година, што значи дека не се предвремени избори. Кој датум е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ, што би било за вас предвремени избори?

Одговор: Видете одлагањето на датумот за избори односно датумот кој што го предлага премиерот Зоран Заев во октомври наредна година е само доволен показател дека СДСМ и оваа влада тонат. И дека Зоран Заев бега од избори. За нас е прифатлив датум уште утре да се распишат изборите. А, тоа еве можеби денеска ќе има време Зоран Заев да размисли и да му укаже на параламентарното мнозинство уште утре да распише избори. Прифатлив за нас е секој датум почнувајќи од утре.

Прашање: Што очекувате вие вечерва да се постигне? Кој е вашиот максимум за кој што би чекале за предвремени избори?

Одговор: Вака нормално ќе почнам со потпрашањето последново бидејќи е во контекст на претходното, предвремени парламентарни избори е значат наредната година во октомври бидејќи тогаш практично е редовниот рок. Предвремени парламентарни избори значат многу порано. Што се однесува до нас како што реков ние сме подготвени уште утре да се распишат, но во интерес на средбата, бидејќи вечер ќе се разговара тоа прашање да ги видиме можеби и ставовите кои што ги менува секојдневно Зоран Заев. Можеби ќе се предомисли и за нив, и ќе предложи некој нов датум за предвремени парламентарни избори, многу порано бидејќи веќе и граѓаните и државата не можат да го издржат ова силување од страна на СДСМ. Така да почекаме до вечер, да видиме кои датуми ќе бидат споменати како можни од страна на Заев.

Прашање: А, со Законот за Јавно обвинителство?

Одговор: Во однос на целата лидерска средба очекуваме да се почитуваат, односно да се прифатат сите наши забелешки, предлози за Законот за јавно обвинителство, кои што до сега неколкупати сме ги обзнаниле јавно. И очекуваме да бидат прифатени и очекуваме конечно во Република Македонија да биде донесен Закон преку кој што ќе завладее правото и правдата, и ќе биде во интерес на сите граѓани за конечно да прекине целата апатија што во моментов ни се случува. Гледаме дека судството не функционира, гледаме дека обвинителството не си ја врши работата како што треба, на нас единствено ни треба Закон во интерес на сите граѓани, а не Закон кој што треба подоцна да ги амнестира криминалиите на СДСМ.

Прашање: Дали можеби очекувате повлекување на онаа одлука на државниот обвинител да ги процесира тие предмети кои што се по рокот на функционирање на СЈО, нели 30-ти јуни 2017? И тоа се дваесетина предмети од истрага, тие рекоа дека ќе ги преземат со писмото на Катица Јанева. Тоа е едно од вашите клучни барања од преговорите, практично некако беше избришано. Министерката Дескоска кажа дека сте биле шокирани на последната средба. Каква е вашата позиција, преговарате ама главниот услов што го имавте веќе го избришавте?

Одговор: Видете, со целата оваа да речам ситуација која што е несфатлива и за граѓаните, и за експертите, и за сите што ја направија преку случајот „Рекет“, а подоцна и со хаосов кој што се случува со СЈО, ние единствено очекуваме вечерва да се разговара за се она што беше предложено од наша страна. И да се дојде до заедничко решение за да може да се донесе закон кој што подоцна ќе биде функционален во интерес на граѓаните. Затоа да не прејудицираме, да почекаме да видиме како ќе помине средбата помеѓу лидерите вечер и веднаш потоа ќе има изјава, ќе може да се даде одговор на детали кои што ќе се разговараат во текот на средбата.

Прашање: Денеска е разрешен Јово Вангеловски од позицијата прв човек на Врховниот суд, ваш коментар?

Одговор: На кратко, што повеќе треба да се случи за конечно да биде отворена истрага за Зоран Заев за незаконско влијание. На 13ти август, тоа беше пред неполн месец јавно видовме сведоштво од политичар каде што му било вршено влијание од страна на Зоран Заев за да се смени нормално истиот оној човек од функцијата кој што го сменија денеска. Така да не знам што може повеќе да направи Зоран Заев за да конечно обвинителството отвори истрага. Сведоци сме дека Зоран Заев буквално ги управува обвинителство, судство и се останато. Сведоци сме дека пред година дена имаше афера каде што беа прислушувани судии и јавни обвинители, односно целото јавно обвинителство, гледаме дека нема разрешница за истиот случај. Така да Зоран Заев во моментов управува буквално со се и врши влијание буквално секаде. На некој начин тој рече дека го отворил како пупка судството и обвинителството. Гледаме дека Зоран Заев управува со и влијае врз одлуки дури и за вакви крупни одлуки. Така да очекуваме итно отворање на истрага која што треба подоцна да докаже какво влијание имал Зоран Заев за разрешување на Јово Вангеловски.

Прашање: За да имаме вистински избори како што треба, треба да имаме попис и реформи во изборниот законик. Дали е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ овие две прашања да се затворат пред да имаме избори?

Одговор: Имаме преговарачки тимови кои што работат и на двете прашања. Во однос на пописот нашиот став е јасен дека треба да се почитуваат нормите кои што ги презентира и по кои се води целата Европска Унија за попис, тоа се нормите на Еуростат и дека попис се прави на почетокот на секоја декада од оние причини кои што ги има Еуростат наведено. Така да може да се разговара на сите прашања затоа е и лидерската средба, првични се предвремени парламентарни избори за да се излезе од целата оваа агонија. Потоа да се разговара и за законот за јавно обвинителство кој што како што знаете потребна е правда, за да подоцна се разговара и за се останато за да може да има избори како што треба односно да има предвремени парламентарни избори што побрзо за да може да падне оваа власт конечно.

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ