Македонија
27. October 2021 - 11:58

Арсовска: Возобновен фестивал Златно Славејче, поголема финансиска поддршка за Скопски Џез фестивал

На денешната конференција за медиуми независната кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска најави проекти кои ќе ја заживеат културната сцена за Скопје да биде европски град.

„Скопје мора да ја заживее културната сцена, со поддршка за независните уметници и музичари и реновирање на инфраструктурата на објектите се основи за да го направиме Скопје центар на културата повторно. На Скопје му е потребна нова енергија, потребни му се културни случувања. Скопје ќе биде град на фестивалите. Планираме одржување на најмалку 12 фестивал, за секој месец во годината по еден фестивал. Златно славејче кое е симбол на Скопје и воедно е најстариот детски музички фестивал на Балканот, ќе се возобнови со силна поддршка на градот, за нашите деца и за идните генерации кои доаѓаат. Градот ќе ја зголеми и продолжи поддршката на Скопје Џез Фестивал, со што истиот ќе се афирмира и ќе се овозможи подем на овој фестивал кој го зазема своето место на листата на најквалитетни џез фестивали во овој дел од Европа“, – изјави Арсовска

Таа најави и дека заедно со младите од Скопје ќе го реализира проектот младите креираат во МКЦ со што ќе им се помогне на сите млади артисти со поддршка на нови и алтернативни настани со цел развој на домашната уметничка сцена. Арсовска најави и дека ќе го врати сјајот на Старата скопска чаршија која е симболот на соживотот во Скопје, преку реализација на проектот Ритамот на чаршијата и ќе посвети дополнителна грижа во рамки на своите надлежност за зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот.

Таа најави и уште еден проект, Меѓународно Биенале на Град Скопје кој ќе има за цел да се одржи во сеќавање како Скопје со солидарност се возобнови по земјотресот во 1963 година, преку организирање на ликовни колонии и изложби кои ќе дадат слика за развојот на Скопје преку уметничка призма. 

„Приоритет на градската власт мора да биде враќање на сјајот на Универзалната сала и истата мора да профункционира во најкраток временски рок. Ветуваа реконструкција на Универзалната сала, па ветуваа нејзина дислокација, за сега повторно да ветуваат реконструкција. И само за потсетување, во ноември минатата година најавија дека почнува реконструкцијата, потоа во март оваа година повторно прес конференција и најава на оваа тема, и дури на 10 дена пред почеток на изборната кампања започна некаква реконструкција. За што се потрошија четири буџети, пари на скопјани ако четири години слушаме само најави на проекти без финална реализација? Проекти кои биле и останале само на хартија. Скопјани бараат брзи и сигурни решенија, а не 3Д анимации и сликички за решенија кои веќе еднаш беа ветени и сега се ветуваат повторно Веднаш треба да почнеме да ги менуваме работите. Скопје и скопјани немаат време за чекање“, – заклучи Арсовска.