Свет
8. December 2016 - 18:39

Арсовска Томовска на Светскиот самит за Отворено владино партнерство во Париз

Во рамките на четвртиот по ред ′Светски самит за Отворено владино партнерство 2016′ во Париз, Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на две панел-дискусиии насловени како: „Градење на доверба во Владите„  и „Одговорност и отчетност кон граѓаните преку јавните услуги“ како и на министерската тркалезна маса посветена на имплементацијата на Отворена влада.

Учесниците, како што информира Министерството за информатичко општество и администрација, дискутирале за можностите кои ги нуди отворената влада во однос на реформите во јавниот сектор и социо-економскиот развој, а беа разменети мислења и за иднината на Агендата за отворена влада.  Арсовска Томовска меѓу другото се осврна на начините со кои јавната администрација ќе биде отчетна и ќе претставува вистински сервис за граѓаните.

Самитот, кој се одржува од 7 До 9 декември е во организација на  Владата на Република Франција, ОЕЦД и иницијативата Отворено владино партнерство. На него учествуваат политички лидери и претставници на граѓанското општество од 70 земји во светот: вкупно 3 илјади присутни и тоа шефови на држави или влади, министри, државни службеници, парламентарци, локални власти, претставници на граѓански организации.  Меѓу учесниците се и претседателот на Франција Франсоа Оланд, како и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Во рамки на посетата, министерката Арсовска Томовска, исто така, имаше можност да сподели искуства со своите колеги министри од повеќе земји во Европа и светот, за  теми како зголемување на инклузивноста при креирањето политики и испораката на услуги, зајакнување на владиното партнерство со граѓаните и граѓанските организации, како и придонесот на отворената влада кон доброто управување, демократијата и инклузивноста.

Република Македонија во 2011-та година пристапи кон глобалната инцијатива за Отворено владино партнерство. Согласно обврските за сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива, досега се подготвени три акциски планови ‎(2012-2014, ‎2014-2016 и ‎2016-2018).