Македонија
14. October 2021 - 20:42

Арсовска: Скопје ќе биде град на соживот, соработка и солидарност

- Град на соживотот, соработката и солидарнос. Град на сите негови жители. Скопје ќе стане град кој нема да ги заборави своите населби и населени места. Го испланиравме и ќе го изградиме новиот сообраќаен коридор Мавровка, кој ќе стане архитектонска гордост за решавање на гужвите во сообраќајот. Мој приоритет е да го уредиме кејот на реката Серава со спортско-рекреативни содржини. Да го направиме овој дел да биде новото зелено катче во Скопје. Ќе ги ревитализираме парковите во Чаир. Планираме проширување и реконструкција на една од главните артерии на градот – булеварот „Цветан Димов“. Иако се работи за комплексен проект, мојата визија е овој булевар да го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на вечерашната средба со граѓани во Топанско Поле, општина Чаир.  

Арсовска во нејзиното обраќање порача дека имаат план и програма за сите населени места со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми на граѓаните од населбите во делот на инфраструктура, водовод, канализација, паркови и места за рекреација, дополнувајќи дека Чаир е прекрасна општина и го чува духот на она подзаборавено Скопје.  

Сепак, според Арсовска во последните години Чаир е очигледно заборавена општина од градот Скопје, а единствено што покажа актуелната градска власт е дека тие се најлошото за градот и нивниот приоритет е да ги поделат обичните граѓани, за да можат тие сложно да лажат и крадат. 

- Имаше ветување за клучниот проект за регулирање на сообраќајот кај Јаја Паша. Ништо од тоа, поставија само некои бетонски огради кои ги омаловажуваат и разделуваат луѓето. Требаше да се реши и крстосницата Мавровка, ви ја ветија пред четири години, но ништо од тоа. Останаа само празни ветувања. Градоначалникот во заминување за чаирчани вети монтажни паркинзи „Чаирчанка“ и „Џон Кенеди“, не ги направија и тие. Со неговите импровизации денес Чаир има повеќе сообраќаен хаос од било кога. Овој градоначалник ветуваше и зелен коридор на реката Серава и Лепенец, за поврзување на сите овие општини. Денес тоа е запуштено и заборавено место, налик на депонија. Ви вети и водоводна и канализациона мрежа до секое населено место во Чаир. Денес гледаме дека и тоа е лага, сѐ уште во Чаир има места кои се гушат во кал и немаат чиста вода за пиење. Посетив многу такви населби овде, кон Гази Баба, кон Топаана. Жално е луѓето во 21 век да живеат така како што живеат во Чаир, потенцираше таа.  

Арсовска пред чаирчани порача до актуелната власт дека граѓаните брзо и сигурно ќе му кажат крај на криминалот, неработењето, корупцијата и непотизмот, а скопјани очекуваат одговори на нивните прашања, на што се потрошени нивните народни пари сите овие четири години. 

- Она што им е нејасно на скопјани е каде се потрошија 4 зголемени буџети на градот? Кој ги присвои овие пари? Кој потроши 4 години од нашите животи и од животот на Скопје, за денес повторно да ја бара довербата со истите ветувања, со истите лаги? Овие големи ветувања се и големи разочарувања. Но, нивното време завршува на 17ти октомври. Ќе ставиме крај на нереализираните ветувања, кои се заменуваат со макети и 3Д слики. Скопје нема да дозволи некој уште 4 години да му ја краде иднината, рече таа.