Македонија
14. October 2021 - 19:51

Арсовска од Бутел: Јас сум човек што доаѓа од народот и ќе работам заедно со граѓаните да го направиме Скопје подобро место за живеење

Јас сум човек што доаѓа од народот и ќе работам на исполнување на барањата токму на народот и заедно со нив да го направиме Скопје подобро место за живеење. Токму тоа е мојот врвен приоритет, истакна вечерва независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, на средба со жителите од Општина Бутел.

– Повеќе нема да има заборавени населби. Скопје денес има населени места кои беа целосно заборавени од градските власти во овие четири години, а живеат во субстандардни услови, како што се Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати општини не само во општина Бутел, туку и генерално во градот. Ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден, порача Арсовска.

Таа дополнително се осврна и зборуваше за потребата скопјани и бутелчани да живеат во убав град и средени населени места, а покрај обезбедување на основни услови за живот, таа вети и гасификација на домаќинствата и инвестирање во нови сообраќајни решенија.

– Доколку сакаме модерен и европски град, со чиста и здрава животна средина тогаш предуслов е на граѓаните да им овозможиме гасификација за секое домаќинство со субвенционирање на приклучокот за истиот, а дополнително за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби. Тоа е новиот булевар „Хрватска“, што исто така беше ветен, но не беше реализиран од актуелниот градоначалник во заминување, а ние ќе го направиме, рече Арсовска.