Македонија
30. September 2019 - 16:57

Арсовска: Кој е поопасен канцер, тој што го имам или тој во системот?

Закачени на ѕид. Овие пораки секој ден ја потсетуваат Јана Арсовска од Охрид дека мора да издржи. Јас сум победник, јас можам, се ке помине...33 годишната Јана боледува од опасен малиген тумор. Речиси девет месеци трае нејзината голгота за да им докаже на надлежните дека итно мора да замине на лекување во странство за да прима имунотерапија. Претходно на јана и биле направени две трансплантации, поминала низ хемотерапии и зрачење а последната шанса за нејзиното здравје е примањето на лекот по препорака од странските лекари.

-Криво ми е, те оставаат на пола пат, платија за првите операции сега не...вели Јана Арсовска од Охрид.

Животот на јана се сменил во 2015 кога и дијагностицирале адултен необластом, детска болест која ретко се јавува кај возрасни. По операциите следувал уште еден шок за младата охриѓанка кога и соопштиле дека се уште има малигни клетки и мора да прима терапија. Нејзиното семејство се јавувале низ многу болници во светот и ја нашле најевтината опција во Шпанија.

-Татко ми е починат од канцер, ви се менува животот од корен. Првично во Фондот дадов барање и ми одговорија дека не било медицина базирана на докази. А овој лек дава добри резултати во Америка и во многу земји во Европа, вели Јана.

Патешествието на Јана продолжува кај второстепената комисија која ја одбива со образложение дека била дел од медицинска студија. За младата охриѓанка тоа е апсурд бидејќи тогаш лекувањето ќе биде бесплатно и нема да бара пари. Ги тужи на Управен каде и ја усвојуваат жалбата и предметот го враќаат во Фондот. И кога после толку чекање мисли дека ќе успее, следува нов шок. Фондот ќе ја обжалува одлуката на судот, што значи ново чекање и битка за живот.

-Овие месеци ми се тешки и напорни и мојот организам е веќе уморен. Оптимист сум, имам многу пријатели и ми дава сила. Се надевам дека овојпат ќе ја победиме битката, вели Јана.

Јана вели дека секој поминат ден носи ризик од болеста и со тоа го загрозува нејзиниот живот. Но таа е упорна па девет месеци чека на институциите, а да им олесни како што вели, со сеемјството ги пронашле и ги доставиле до Фондот протоколите од реномирани странски центри каде ја користат оваа терапија. Но одговорот од ФЗОМ не оди во прилог на очекувањата на Јана.

-Имунотерапијата што ја бара Јана не е согласно медицина базирана на докази, велат од Фондот.

Јана пред неколку денови почна да бара помош и од хуманите граѓани, за да може повторно да биде туристички водич. Разочарана од долгото чекање, пред неколку денови објави и писмо во кое прашува – Кој е поопасен канцер, оној што го имам во телото или канцерот во системот со кој се соочувам?