Македонија
8. October 2019 - 16:46

Арсовска и Ангеловска се надеваат на хуманоста на граѓаните за лекувањето во странство

 Десет месеци трае голготата на Јана Арсовска од Охрид, која чека од институциите за да замине на итно лекување во странство.  И покрај препораките од лекарите во Германија каде поради опасен малиген тумор и биле направени две трансплантации дека е неопходно да прима имунотерапија, од јануари досега Фондот за здравство не и одобрува финансиски средства. И додека надлежните анализираат дали третманот на Јана е согласно медицина базирана на докази, 33 годишната охриѓанка побара помош и од хуманите граѓани. За неполн месец собра околу 70 000 евра, или една третина од парите што и се потребни за спас од болеста.  Од квизот Листа за триста на Сител ТВ кој минатиот викенд беше од хуманитарен карактер, 100 000 денари беа донирани на сметката на Јана. Иако секој поминат ден носи ризик од болеста и со тоа го загрозува незјиниот живот, Јана е оптимист и засега надежите и се свртени кон хуманоста.

--Овие месеци ми се тешки и напорни и мојот организам е веќе уморен. Оптимист сум, имам многу пријатели и ми дава сила. Се надевам дека овојпат ќе ја победиме битката, вели Јана Арсовска.

Уште 100 000 денари од квизот Листа за триста завршија на сметката на 13 годишната Сандра Ангеловска од Крива Паланка која боледува од тумор и мора да и биде направена итна операција во странство. Девојчето од вчера е во болницата во Белград каде и прават дополнителни испитувања пред хируршката интервенција. Операцијата чини 12 000 евра, но се потребни пари и за специјалистичките прегледи и таткото на Сандра веќе има отворено банкарска сметка за донации. 

Сандра сака да оздрави и да има безгрижно детство, Јана е оптимист дека ќе ја добие битката и ќе продолжи да работи како туристички водич. И двете веруваат и се надеваат на хуманоста од граѓаните кои можат да им помогнат со донации на отворените сметки.