Македонија
9. August 2022 - 13:08

Арсовска: Договорот им е прекинат на лица кои не ги извршувале работните обврски и не се појавувале на работа

Тоа што на некого не му е продолжен договорот, значи дека раководството не е задоволно од неговата работа. Се работи за лица кои не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговорајќи на новинарски прашања за отпуштањето од работа на 33 лица вработени во ЈП „Комунална хигиена“.

Во однос на добиените закани кои градоначалничката ги доби изминатиов период поради прекинување на договорот на овие лица, таа посочи дека тие не смеат да се дозволат во едно општество.

Според Арсовска, доколку некој смета дека овие лица треба да бидат поддржани во тоа да не доаѓаат на работа и да не ги извршуваат работните обврски, тој треба да излезе и јавно да го каже тоа.

-Ние, својот мандат го имаме добиено од граѓаните, да им се испорачуваат најдобрите можни услуги и притоа да нема непродуктивни трошења на лица кои не си ги извршуваат своите работни обврски. На крајот, одговорноста за тоа дали работата се завршила како што треба или не, е наша, а оние лице кои не доаѓаат на работа сметам дека треба да наидат на силна осуда во општеството, рече Арсовска.

Напомена дека ќе продолжат со вакви реформи и во следниот период, а како што рече, одговорност треба да има и за оној кој дозволил со години некој да седи на работното место и ништо да не работи