Македонија
19. November 2017 - 14:05

Арсенал оружје пронајдено во домот на германски државјанин во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 53-годишниот А.Ф.М.,германски државјанин со статус на постојано населен странец во Република Македонија, поради сомнение дека сторил кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Имено, на 15.11.2017 година од страна на Единицата за недозволена трговија по претходно добиени оперативни сознанија, бил извршен претрес во домот на пријавениот при што биле пронајдени и одземени еден револвер со натпис „Тексас скаут фронтиер“ калибар 9 мм со пет куршуми, 118 куршуми калибар 7,62 мм и 11 куршуми калибар 6,35 мм. По извршеното вештачење на пронајденото оружје и муниција било утврдено дека пронајденото оружје е сигнален револвер, додека пронајдените 118 куршуми преставуваат муниција со калибар 7,62 мм и истите се наменети за полуавтоматски пиштоли, како и за одреден број на автоматски оружја, а куршумите со калибар 6, 35 мм се наменети за полуавтоматски пиштоли.

Во извршениот разговор со пријавениот истиот појаснил дека сигналниот револвер го донел пред 23 години од Република Германија, додека муницијата му била дадена во 2001 година од страна на лица од германскиот корпус каде тој работел како автомеханичар.