Македонија
10. October 2017 - 20:15

Армијата ќе добие за 10% повисоки плати од јануари наредната година

Од јануари следува покачување на платите за 10 % за сите припадници на армискиот состав, најавија денеска министрите за одбрана и финансии, Радмила Шекеринска и Драган Тевдовски при посетата на штипската касарна „Јане Сандански“. Тие ги информираа стaрешините и војниците дека буџетот за одбраната за 2018 година е зголемен, а средствата за плати се обезбедени.

- Ние го подржуваме зголемувањето на платите во Армијата, бидејќи мислиме дека тоа е важно. Најдиректните чинители и тие кои се борат и веќе придонесуваат со различните мисии за влезот во НАТО се војниците и тие треба да имаат повисоки плати-изјави Драган Тевдовски, министер за финансии

Влезот во НАТО значи и раздвижување на економијата. Тевдоски додаде, дека растот на платите во армијата ќе биде дополнителен притосок за зголемување на личниот доход во сите сектори, како што веќе се започна и со исплатата на минималната плата.

- Веќе различни институции го прават тоа. Станува збор за редовно исплаќање на плати и министерството за финансии, ако ме прашувате директно, ќе се држи до законите кои се донесени од Парламентот на Р. Македонија-изјави Тевдовски

Во буџетот за идната година се одделени и средства за набавка на нова опрема за припадниците на армијата и за реконструкција на дотрајаните објекти во касарните.