Македонија
11. July 2018 - 16:17

Арменд Шаќири сменет од директор на струшкиот затвор по скандалот со продажба на дрога и оружје

Арменд Шаќири повеќе не е директор на струшкиот затвор. Разрешувањето било направено по негово барање, кое што го поднел пред неколку дена. Од Владата информираат дека неговата смена нема да влијае на постапките што би течеле против него, доколку истрагата на МВР и обвинителство утврди негова вмешаност во криминалната група која препродавала дрога и оружје.

Ваквиот потег од страна на Шаќири доаѓа по минатонеделната акција на МВР за сузбивање на криминална мрежа во Струшкиот Регион, при која што претрес беше извршен и во Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга. Според информациите на Сител, инспекторите од МВР извршиле разговор и со сега веќе поранешниот прв човек на оваа установа, во една од просториите на затворот, поради можноста тој да направил злоупотреба на службената положба.

Во акцијата беа уапсени седум дилери на дрога, а еден е сеуште во бегство. Истрагата тогаш утврди дека сите членови се лица кои веќе се осудени и издржувале казна во затворот во Струга. Опсежната истрага открила и дека на криминалната група и помагал и инспектор од ПС Струга, против кого ќе бидат преземени и соодветни мерки.