Балкан
26. January 2021 - 12:48

Аркуманеас: Веројатно постои ширење во Грција на новиот вид на коронавирусот

Во овој момент, треба да претпоставиме дека постои ширење на новата мутација на Ковид-19 и во нашата земја, вели претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција Панајотис Аркуманеас во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Објаснува дека првите знаци се дека новиот вид освен во Атина и на островот Крит, како што беше соопштено вчера, веќе го има и во северниот дел на Грција.

-Освен британската, постојат и други две, бразилската и јужноафриканската мутација, кои нѐ загрижуваат, но во овој момент во нашата земја го имаме откриено само британскиот вид, вкупно 59 случаи. Но, од новите податоци, како сомнителни, кои многу веројатно е дека ќе се потврдат, има неколку и во северна Грција. Па така, во овој момент, треба да претпоставиме дека постои ширење на новата мутација и во нашата земја, рече Аркуманеас.