Македонија
4. January 2018 - 13:23

Архимандрит Партениј: БПЦ-БП има црковно и историско право да и биде Црква-Мајка на МПЦ-ОА

Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија има многу поголемо црковно и историско право да ѝ биде Црква-Мајка на МПЦ-ОА, затоа што со неа не поврзува долгогодишна заедничка црковна историја, почнувајќи од Охридската архиепископија, а потоа и заедничката Егзархија, вели во интервју за МИА архимандрит Партениј, игумен на Светата Бигорска и Рајчичка обител.

Наведува дека „долгогодишната пропаганда и набивањето омраза против нашиот источен сосед, против нашиот братски бугарски народ, за жал, придонесе за сегашниве погрешни и злонамерни заклучоци дека, наводно, правиме страшен грев и предавство што побаравме друга Црква-Мајка наместо Српската“.

- И во самиот Устав на денешната БПЦ-БП постојат цврсти основи таа да биде Црква-Мајка на Охридската архиепископија, како и да го бара нејзиното признавање од Цариградската, т.е. Константинополската патријаршија. Зашто, Цариградската патријаршија се нарекува Црква-Мајка скоро на сите православни Цркви и накрај добивањето на Томос доаѓа секогаш од неа, вели отец Партениј.

МПЦ и БПЦ

Тој смета дека е неоправдан стравот дека МПЦ-ОА ќе стане потчинета црква. Посочува дека напротив со добивањето на автокефален црковен статус МПЦ и БПЦ-БП ќе станат две рамноправни сестрински цркви.

- Никако не смееме да го занемариме тој братољубив одговор на Бугарската црква: таа веднаш излезе во пресрет на нашето барање и оформи комисија, којашто веќе во два наврати се состана со комисијата на нашата Црква. Тоа ни дава благонадежност дека конечно ќе се реши нашето црковно прашање. Природно, и Србите не треба да изостанат во решавањето на нашиот статус, бидејќи тие ни се православни собраќа, наши соседи и сега треба да излезат со конструктивни постапки, а не да слушаме изјави од типот на онаа на г. Иринеј Буловиќ, дека ова што сега се случува со МПЦ-ОА е рушење на Православието. Таквиот анахрон пристап е навистина смешен. Православието треба да го проповедаме и браниме онака како што нѐ учи Христос, со Неговата љубов, а не да шириме раздор и омраза, да применуваме некакви инквизиторски методи, како што е, на пример, одлачувањето од света Причест на еден цел народ итн. Следствено, архиереите од СПЦ треба да се запрашаат дали со игото на изолација што му го наметнуваат на православниот народ во Македонија и сите историски неправди врз нашата Црква, одат во полза на Православието, или, пак, на неговите противници…,вели архимандрит Партениј.

Според него, односот на Српската православна црква кон нас, историски земно, е „невидена Голгота, една страшна нетолерантност и незаинтересираност за нашето прашање, крајно непастирско однесување, со исклучок на некои нејзини архиереи и духовници“.

- Овие седумдесет години СПЦ ни наметна таква сурова изолација каква што досега не претрпела ни една друга Црква во историјата. Српските националистички настроени архиереи никако не сакаат да прифатат дека возобновувањето на ОА била волја и на свештенството, и на монаштвото, и на православниот народ. И до ден денес е така. А токму таа борба за возобнова на ОА одиграла, можеби, клучна улога и во создавањето на современата независна македонска држава. Можеби некој поради ова би нè обвинил за етнофилетизам, но, напротив – отпорот на нашето духовенство бил единствениот начин да се спасиме од нивниот национализам кој е евидентен до ден денес, истакнува архимандрит Партениј.

Смета дека Македонската православна црква не смее да се враќа во никаква автономија под СПЦ.

- Крајно неоправдано е барањето на СПЦ да се вратиме под неа, да се извинуваме за нешто што го направиле нашите богољубиви и вистинољубиви предци на Црковно-народниот собор во 1967 г., на чело со Архиепископот Доситеј. Овој наш архипастир направил, навистина, свето и блажено црковно и народно дело, наведува игуменот на Бигорскиот манастир.

Партениј

Во интервјуто за МИА, вели и дека постојат контакти на лична основа со Грчката православна црква, има соработка и со Света Гора, но, посочува, „боли тоа што не смееме јавно да служиме, да се причестуваме, токму поради таа нетолерантност на СПЦ, која реагира на било каков контакт со друга Црква“.

- Голема е нашата благодарност до ГПЦ, која благослови наши студенти да изучуваат теологија на Православниот теолошки факултет во Солун, како и кон Светата Гора Атонска, која пред триесетина години ги отвори вратите за нас и ни овозможи повторно да го стекнеме светогорското монашко предание што беше прекинато. Без тоа не ќе можеше да се возобнови општежителното монаштво кај нас, потенцира архимандрит Партениј.

За тоа дали Српската православна црква и Грчката православна црква можат да го блокираат потегот на БПЦ, која треба да ја информира и Цариградската патријаршија, чекор кој треба да доведе до признавањето на автокефалноста на МПЦ, истакнува дека обиди да се блокираа процесот секако ќе има, но се надева на Божјата милост и просветление на архиереите од споменатите цркви, и вистината и љубовта да надвладеат.

- Исто така, сметам дека богомудриот Патријарх Вартоломеј и овој пат ќе се покаже како вистински пастир на Великата вселенска Црква-Мајка, и ќе го направи правилниот чекор за решавање на овој проблем - онака како што треба за да се исцели оваа голема рана на Православието, вели отец Партениј во интервјуто за МИА кое во целост ќе биде објавено утре.