Македонија
25. November 2019 - 13:36

Археолошките истражувања на локалитетот Кале/Градиште кај село Згрополци

Екипа на Народниот музеј од Велес под раководство на археологот Анита Василкова Мидоска работи на археолошките истражувања на локалитетот Кале/Градиште кај село Згрополци Основна со цел истражување на сакралниот сегмент од животот на античкото население на населбата.

Истражувањата се фокусирани на западниот дел од југозападната некропола односно доистражување на претходно откриените простори кадешто се евидентирани гробни целини уште со истражувањата во 2018 година.

Како што појаснува за МИА, Василкова Мидоска, фокусирањето на овие подрачја се базира на фактот на постоење на повеќе хоризонти на погребување ситуација која била евидентирана уште во претходните истражувања, а со истражувањата во 2011 и 2018 година на неколку места и потврдена.

Моментално се работи на дефинирање на повеќе гробни целини кои се наоѓаат на простор кој бил интензивно користен за погребување, а кој според археолошкиот движен материјал опфаќа хронолошка рамка од 2 век п.н.е. до почетоците на 3 век н.е.Тоа е  временски период во кој населбата го достигнала својот подем, а потоа некаде од крајот на 3 век н.е. постепено замрела  и исчезнала.

– Имено, имајќи ги предвид податоците од претходните истражувања на некрополата но и податоците добиено со рекогносцирање на теренот евидентно е дека некрополата зафаќа огромен простор. Меѓутоа на одредени пунктови е забележана исклучителна концентрација на гробни целини поврзани едни со други (еден вид на фамилијарни-роднински врски).Со овогодинешните истражувања се работи на еден дел од некрополата кој изобилува со гробни целини кои покажуваат исклучителна разновидност и од аспект на гробните форми, но и од аспект на гробните дарови кои несомнено ја рефлектираат религиозната слика на античкиот човек и неговите верувања за задгробниот живот,појаснува Василкова Мидоска.

Таа информира дека од аспект на гробните прилози значајно е да се напомене дека тие покажуваат два аспекти односно застапени се предмети кои се локална продукција и кои биле произведувани на овие простори, но се сретнуваат и предмети кои рефлектираат интензивни врски со поголемите антички центри како на пример Солун, Пела и Амфиполис.

-Сознанијата од истражувањата ќе ја надополнат историската слика на античките населби долж Вардарската магистрала особено во периодот на последните импулси на хеленистичкиот период и времето на римското владеење на овие простори.Тие особено ќе дадат придонес во верувањата за задгробниот живот како илуминација на дел од религиозната слика на овие простори во едно време на динамични и непредвидливи историски прилики,потенцира Василкова Мидоска.

Истражувањта на овој локалитет се реализираат од страна на НУ Народен музеј Велес уште од 2008 година и досега се остварени осум истражувачки кампањи.

Инаку истражувањата во најголема мера се фокусирани на југозападната некропола на античката населба Gurbita и наодите откриени со претходните истражувања го рефлектираат религиозниот аспект на античкото население на оваа населба. Археолошките истражувања на овој локалитет  претставуваат дел од Годишната програма за финанисрање на проекти од национален интерес за 2019 година од страна на Министерството за култура.