Бизнис
20. February 2017 - 13:36

Арбитражата можност за поефикасно решавање на работните спорови

Работниците и работодавачите отсега ќе може со помош на арбитража да ги решаваат работните спорови. За таа цел веќе 50-тина лица имаат добиено лиценца за арбитри и помирувачи од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Постапката за мирно решавање на работните спорови е доброволна и таа, според синдикатите, ќе им помогне на двете страни инволвирани во спорот да го решат проблемот вонсудски, односно на многу побрз и поекономичен начин.

- Конфедерацијата на слободни синдикати уште од самото формирање во 2005 година го промовираше овој модел за мирно решавање на споровите и се залагаше за арбитражата како поефикасен начин. Со законските практики сега се овозможи поефикасен, вонсудски начин на решавање на работните спорови од кои бенефит ќе имаат работниците и работодавачите, но и земјата во целина, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски пред денешната промоција на овој механизам пред членките на синдикатот.

Засегнатите страни во работниот спор ќе можат во рок од пет дена да побараат назначување на посредник од страна на Министерството за труд и социјална политика каде се води регистар на лиценцирани арбитри.

- Работата на помирувачот, односно арбитерот е професионална, независна и тој е оној којшто ја игра улогата на решавање на спорот. Никој не смее да има влијание, истакна Филип Петровски, лиценциран арбитар. 

Законот за мирно решавање на работните спорови стапи во сила во 2015 година, а досега е извршена обука за арбитри и помирувачи на околу 90 кандидати. Педесеттина од нив веќе имаат добиено лиценца за работа од страна на Министерството за труд и социјална политика.