Македонија
18. October 2016 - 12:00

Арбитражата како позитивен механизам за решавање на работните спорови

Претставници на министерствата за труд, социјална политика, социјални односи од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, со присуство на експерти од Ирска, Романија, Германија и Бугарија учествуваат во работата на Регионалната конференција што во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ на Меѓународната организација на труд се одржува во Охрид.

Дводневниот состанок на кој тема на дискусија ќе бидат ефективните механизми за мирно решавање на работните спорови е добра можност учесниците да ги претстават своите позитивни практики во воспоставувањето, организирањето и функционирањето на самиот механизам, но и проблемите со кои се соочуваат во тој процес.

- Претставниците на Меѓународната организација на труд ќе ги презентираат препораките што сите од државите учеснички на средбата, вклучувајќи ја Република Македонија, имаат обврска да ги имплементираат во следниот период по однос самиот проект, како и во насока на подобрување на легислативата за унапредување на механизмот, истакна министерот за труд и социјална политика, Фросина Ташевска – Ременски.

На конференцијата беа иницирани повеќе прашања од областа на работничките права, дали воопшто може да се зборува за нив кога праксата покажува дека не се почитуваат ниту елементарните права на работниците гарантирани со законот за работни односи, и колку синдикалното организирање е силно за да биде активен учесник во уредувањето на социјалниот дијалог.

Директорот на Меѓународната организација за трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози истакна дека проблематиката на заштитата на работничките права е комплексно прашање чие уредување не е проблематично само за земјите од регионот. Што се однесува на конкретната тема на дискусија за мирно решавање на работните спорови, Грациози рече дека тоа е еден од механизмите за решавање на сите отворени прашања што овозможува побрза процедура на решавање на недоразбирањата и секако скратување на времетраењето на самиот процес.

- Пред државите од регионот промовираме алтернативни механизими за решавање на споровите базирани врз принципот на арбитража, со изнаоѓање кредибилни и доверливи, пред се објективни субјекти што би помагале во решавањето на меѓусебните спорови, без вклучување на судиските органи, рече тој.

Во Македонија веќе една година функционира механизмот за мирно решавање на работните спорови, со лиценцирано 41 лице како арбитар во тој процес. Во рамки на постапувањето досега се процесуирани четири предмети, од кои два се со позитивен исход, еден негативно и еден е во фаза на решавање.

- Тоа многу зборува од аспект на препознавањето на механизмот од страна на страните во споровите, но и за потребата за дополнителна промоција на самиот механизам, како добра практика за намалување на трошоците на судските спорови, истакна министерката Ташевска –Ременски.