Македонија
1. April 2016 - 14:03

„Априлијада 2016 - Скопје се смее“

По повод Денот на шегата-1 Април денеска на плоштадот „Македонија“ се одржа традиционалната манифестација „Априлијада 2016 - Скопје се смее“. 

Во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје претпладне од 11 часот беше организирана забава за деца од градинките, од основните училишта и за деца од Скопје и од околината на главниот град. На манифестацијата присуствуваа скопскиот градоначалник Коце Трајановски и претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

- Под мотото „Скопје се смее“ секоја година го одбележуваме 1 Април, Денот на шегата и на овој начин и нашето Скопје се приклучува кон сите европски градови кои го прославуваат овој ден. Граѓаните на Скопје денеска ќе се забавуваат, дружат и шегуваат, рече Трајановски. 

Во дневниот дел од забавата со маски продефилираа многу принцови, принцези, кловнови, Маши, самовили, Супермени и Бетмени. За присутните деца настапија и фолклорната секција и балетската секција на ДКЦ „Карпош“, децата од фестивалот „Златно славејче“ и танцови групи од основните училишта од Скопје и од околината.

Ноќната забава ќе почне во 21 часот на плоштад „Македонија“. Ќе настапат Пиреја–Етно бенд, Коста Костовски, Кристина Арнаудова,Сашо Гигов–Гиш, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу, Биљана Дабеска, групата THE NOISE MAKERS.