Македонија
24. February 2019 - 14:30

Апостолакис: Грција се стреми да стане главен стратешки одбранбен партнер на Северна Македонија

Нашиот стремеж е да станеме главен стратешки одбранбен партнер на Северна Македонија во одржувањето на мирот и зајакнувањето на соработката на Балканот, вели министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис во интервјуто за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во првото интервју откако ја презеде функцијата министер за одбрана, Апостолакис објаснува дека доколку Грција даде свој придонес во трансформацијата на нашата војска тоа би можело да спречи влијание на други регионални кандидати.

-Спроведувањето на Договорот Преспа и интеграцијата на Северна Македонија во НАТО создаваат предуслови за зајакнување и проширување на соработката со соседната земја во областа на одбраната, зацврстувајќи ги взаемните односи и обезбедувајќи повеќе бенефиции што не се ограничени само на одбранбениот сектор. Всушност, нашиот потенцијален придонес во трансформацијата на вооружените сили на Северна Македонија ќе ги оддалечи другите регионални кандидати кои би можеле да се обидат да извлечат корист и да извршат влијание врз соседот. Нашиот стремеж е нашата земја да стане главен стратешки одбранбен партнер на Северна Македонија во одржување на мирот и зајакнување на соработката на Балканот, вели министерот за одбрана на Грција за „Катимерини“, пренесе МИА.