Свет
9. November 2018 - 11:09

Апокалипса во Калифорнија: Поради огнената стихија евакуирани илјадници жители, издаден црвен аларм

Поради шумскиот пожар кој брзо се шири на северот од Калифорнија, наредена е евакуација на повеќе десетици илјади луѓе.

 
Загрозени се неколку села, а испаничените жители им притрчуваа напомош на соседите кои мораа да се пробијат низ пламенот за да побегнат.
 
Не е познато дали има повредени или настрадани.

Полицијата од округот Бјут Каунти вели дека евакуацијата важи за целиот град Парадајс кој има 27.000 жители и се наоѓа на речиси 300 километри североисточно од Сан Франциско.

Локалниот шериф рече дека властите се обидуваат да спасат што е можно повеќе загрозени граѓани. Евакуирани се сите пациенти од локалната болница и префрлени во соседните места.

Од противпожарната служба наведуваат дека ширењето на огнот го помага силниот ветер, сувите грмушки и малата влажност.

Над Парадајс и околните места се надви густ сив чад кој може да се види од многу далеку.

Затворена е блиската делница на автопатот, а националната метеоролошка служба издаде црвено предупредување за опасност од пожар во многу делови од Калифорнија.