Македонија
21. November 2016 - 13:12

Апликација за споредување на ставовите меѓу граѓаните и партиите

На граѓаните од денеска до денот на предвремените парламентарни избори им е достапна бесплатната он-лајн апликација Изборен компас 2016 Македонија на која можат да ги споредат своите мислења со оние на партиите и коалициите учеснички на изборите.

- Целта на алатката www.izborenkompas.mk е да им помогне на граѓаните да ги испитаат своите политички ставови и да видат до која политичка партија или коалиција се најблиску во овој изборен циклус, односно да добијат компаративна слика за нивните позиции, рече Олимпија Христова Заевска од Импакт на денешното претставување на апликацијата.

Ваква алатка, посочи, веќе е користена во Холандија, Велика Британија, Велс и на неодамнешните избори во САД, а наскоро ќе се користи и на изборите во Романија, Франција и Шпанија.

- Тоа е пракса што со години функционира во европските земји. Постојат академски истражувања кои покажуваат дека оваа алатка помогнала да се зголеми излезноста на избори од два па до 13 проценти во зависност од земјата. Можеби најмногу би им помогнала на наеопределените гласачи, но сметаме дека  и оние кои се на некој начин определени политички може да видат колку навистина партијата која ја поддржуваат ги застапува нивните позиции, потенцира Христова Заевска.

Прецизира дека дека тим од Импакт заедно со Киас Компас од Холандија со поддршка на Германската и Холандската амбасада во Македонија го изготви прашалникот на кој најпрво партиите одговараа на 30 релевантни прашања и ги изразуваа своите ставови, а тоа може да го направат и граѓаните за да видат која политичка опција им е најблиска.

Трајче Панов од Импакт нагласи дека политичките партии биле поканети самостојно да се самокодираат, односно да одговорат на 30-те искази подготвени од истражувачкиот тим на Импакт.

- Целото кодирање одеше во неколку фази. Првата фаза беше информирање на политичките партии и доставување на прашалникот. Политичките партии имаа седум дена да одговорат на овој исказ и да се самокодираат, а во исто време научниот тим на Импакт работеше на нивно кодирање. Кога исказите стигнаа истражувачкиот тим ги спореди и во онаму каде немаше разлики помеѓу кодирањата се сметаше дека е завршено кодирањето. Во другите ситуации истражувачкиот тим достави свои видувања, рече Панов.

Тој истакна дека кодирањето се базирало не само врз одговарање на прашалникот,  туку политичките партии морале да достават доказен материјал, односно цитат од нивните политички програми, идеолошки платформи или изјави од нивни претставници.

- Доколку кодирањето соодветвуваше со доказниот материјал го сметавме за веродостојно. Од 11-те кандидатски листи кои се вклучени во изборниот компас и учествуваат во кампањата девет политички партии или 82 отсто се самокодираа. Тоа е многу повисоко од европските стандарди каде се самокодираат околу 40 проценти од партиите, посочи Панов.