Македонија
26. November 2018 - 19:20

Апелациониот суд расправа по жалбите на Јанакиевски и Божиновски за притворот

Неосновано е решението за притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, тврди нивната одбрана. На седницата во Апелациониот суд за разгледување на нивните жалби, адвокатите пред три-члениот судечки совет потенцираа дека спротивно на судската пракса на Јанакиески и Божиновски им е определена мерката притвор. При донесувањето на одлуката,  бил прекршен кривичниот законик оти советот на Основниот суд Скопје 1 кој одлучувал по барањето за притвор, не ги повикал обвинетите да дадат свој исказ.  Дополнително, одбраната тврди дека во решението не е наведено ниту за кое кривично дело се тие обвинети. Наместо ова, се цитираат само членови од кривичниот законик, се жалеше одбраната.

Според Јанакиески и Божиновски, со одредувањето на притворот е прекршен и законот за кривична постапка. Сметаат дека во одредувањето на таквата мерка не требало да учестува судијата Огнен Ставрев кој е дел од судечкиот совет во предметот Титаник.

Јанакиески и Божиновски, заедно со своите адвокати во жалбите пред Апелација наведоа дека се сомневаат и во Службената белешка од УБК според која двајцата обвинети преку посредник побарале аменстија од претседателот на државата. Велат дека документот на МВР е фингиран оти нема информации за тоа кога биле остварени средбите ниту дали судот и СЈО направиле проверка во Кабинетот на Иванов.

За специјалното јавно обвинителство пак белешката од УБК ги содржела сите детали за планираното бегство а за неговото спроведување имало и логистичка поддршка.

Одлуките по жалбите за укинување на притворот на Јанакиески и Божиновски, Апелација најави дека ќе ги достави до Кривичниот суд.