Македонија
16. July 2021 - 18:03

Апел за помош на жител од делчевското село Град, чија куќа изгоре во пожар

Војчо Анастасов од делчевското село Град остана без покрив над глава, откако синоќа во пожар изгоре неговата куќа. За време на пожарот тој спиел, па за да избега од пламените јазици Анастасов морал да скока преку прозорецот. Во пожарот покрај целата покуќнина, ја загубил и малата заштеда од 10 илјади денари и сите лични документи поради што денеска побара помош од хуманите граѓани за повторно да застане на нозе.
 
-Спиев кога се запали куќата од струјата. Сега немам ништо, ми изгоре се, лична карта, облека, кревет, телевизор, материјал за куќа, се е изгорено. Во гасењето помогнаа селаните, дојдоа и возила од противпожарната единица, имаше три возила и почнаа да гасат, но пожарот бргу се ширеше, рече Анастасов.
 
 
 
Прв на помош на немоќниот жител му притрчал соседот Душко Анастасов, кој потоа му понудил да преспие во нивниот дом.
 
-Бевме во близина, работевме на една друга куќа, видовме црн чад, а потоа и дека целата куќа гори. Се јавив на мој братучед кој е пожарникар, потоа дојде и пожарното возило и почнавме да гасиме. Војчо се што имаше беше внатре во куќата. Немаше ни каде да спие, спиеше кај мене синоќа, рече Анастасов.
 
 Душко и Војчо денеска заедно го посетиле Центарот за социјални работи, од каде добиле ветување дека ќе му се помогне со парични средства кои му следуваат за ваков тип незгоди.
 
-Во однос на помошта знаеме дека пари никој не дава, затоа апелираме ако може да се исчисти местото, барем една соба да се направи, за да има каде да живее. Има фирми кои работат добро во Делчево, се надевам ќе донираат, а нешто ќе даде општината и дијаспората. Засега има најава од наш човек во странство кој рече дека ќе гледа и таму да соберат некоја пара, вели соседот Душко Анастасов.
 
 
Сосетката на Војчо, Нада Анастасова вели дека треба да му се помогне, бидејќи да се биде бездомник човек е тешко.
 
На исто мислење е и соседот Спаско Спасев кој вели дека Анастасов е невработен и без никаква можност сам да се снајде.
 
-Сам живее, ова му беше живеалиште, овде имаше кревет, алишта, сега нема ништо. Инаку работлив човек е земјоделец, сточар, чува неколку кози. Еден апел до сите кој со што може да помогне да му се изгради покрив над глава, рече Спасев.
 
 
Од Центарот за социјални работи потврдија дека по завршувањето на процедурата Анастасов ќе добие парични средства во висина од 30.000 денари, кои следуваат за природна непогода, а најавија дека дополнителна помош ќе биде побарана од Министерството за труд и социјални работи.