Македонија
8. July 2021 - 16:37

Апасиев контра Симовски - Дали законот за попис ќе падне на Уставен?

Законот за попис е неуставен и треба да биде укинат. Ова го предлага Апасиев кој денеска пред уставните судии образложуваше зошто Левица го оспорува спроведувањето на пописот. Вели, невозможно е во време на пандемија да се одржи најголемата статистичка операција. Прашува дали граѓаните да се грижат за сопственото здравје, или треба да стравуваат дека ќе бидат казнети ако одбијат да се попишат.

Пописот ќе се спроведе според најстроги критериуми, ги уверуваше уставните судии првиот човек на статистика. Негира дека законот предвидувал попишување на дијаспората, а за Симовски, не било спорно, ниту тоа што друг ќе можел да дава податоци за член на семејството кој е во странство.

За уставните судии е нејасно зошто дел од прашањата поврзани со пописот се уредуваат со методологија наместо со закон како што било пракса.

„Сметам дека треба да се уредат со закон, а не да се препуштаат да се уредат права и обврски што е недозволено според закон, со подзаконски пропис да се уредуваат одредени права и обврски на граѓаните“, изјави Јован Јосифовски, Уставен судија.

Во одбрана на законот за попис кој е оспорен пред Уставен, застана и Министерството за правда од каде велат, законот ја следел европската регулатива.

Дали Законот за попис ќе биде укинат, Уставниот суд ќе одлучува во следниот период.

Пописот на население е предвидено да се одржи во септември.