Македонија
16. January 2022 - 14:25

Апасиев: ДУИ „искина“ осум македонски премиери, вие Ковачевски ќе бидете деветтиот

Пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев во својата дискусија денес во Собранието порача дека ДУИ извршиле рамковна малцинска тиранија во Владата, која доколку биде избрана ќе има 11 Македонци министри и 10 министри кои се Албанци.

„Воведовте башибозук демократија, ние станавме косовски полупротекторат, воведовте апартхејд кога Македончиња и Албанчиња живеат одвоено, имате отворено македонофобство, непочит кон химна и знаме, а вие Османи, внимавајте да не направите тешка стратешка грешка со идното предавство со Бугарија. Kaко старите добри комунисти, дискусијата за избор на нова Влада ќе ја поделам на кадровска и програмска. Во програмската ќе речам дека завршува периодот на Заев во стилот „си одам не си одам“, но заевизмот остана. За време на Шарената револуција имавме израз – „Ружна ви е Владата“, а Шарената револуција потоа беше предадена, а заевизмот пак си остана“, изјави Апасиев.

Лидерот на Левица продолжи со критиките кон ДУИ, предупредувајќи го мандатарот Димитар Ковачевски и нагласувајќи дека тие прават „зулум и кон своите Албанци“.

„ДУИ „искина“ осум македонски премиери, вие Ковачевски ќе бидете деветтиот, а во таа влада ќе бидат и натаму Груби и Маричиќ, без Царовска, сите како ангели на Сороз. Додека врескаат за некакво руско мешање, земјата ни стана на нивото на Сенегал. Додека ДУИ лета орли, секое второ дете се раѓа во Шипковица. А во Југославија имаше десет пати повеќе првачиња Албанчиња, значи правите зулум и кон своите Албанци, не излегувате од национал шовинизмот и правите бејрутизација на Македонија“,

рече Апасиев.
Апасиев во совјот говор истакна и дека мандатарот Ковачевски во својата програма зборот работници го споменал шест пати, додека зборот бизнис дури 60 пати.