Македонија
14. December 2015 - 16:38

Антракс во скопско

Антракс кај говедо во скопското село Раовиќ ги крена на нозе институциите. Како што дознава Сител, случајот бил откриен минатата недела од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Лабораториските анализи покажале присуство на болеста. Угинатото животно било спалено и отстрането а во фармата е направено темелно чистење и дезинфекција.

 - Од страна на  ветеринар и овластеното ветеринарно друштво извршен е преглед и кај останатите животни во фармата и кај другиот добиток кој се одгледува во ова село, при што е констатирано дека нема други заболени грла, велат во писмена изјава за Сител од Агенцијата.

Надлежните наредиле во Раовиќ во следните 20 години да има задолжителна вакцинација на домашните животни за искоренување на антраксот.

Бидејќи заразата може да се пренесе од животно на човек, на терен била и екипа од скопскиот центар за јавно здравје. Го советувале сопственикот на фармата како и останатите селани при појава на сомнителни симптоми веднаш да побараат лекарска помош. Загрижувачки според лекарите е што причинителот на оваа болест е бактерија која е екстремно резистентна на надворешните услови и може да опстане во почвата и по неколку години.

Последните два случаи на антракс кај луѓе  во Македонија биле регистрирани во 2012 година. Болеста се пренесува од заболено животно на човек. Може да предизвика сериозни компликации доколку заразениот навреме не побара лекарска помош. Постои кожен, белодробен и цревен антракс. Симптомите се јавуваат во рок од 7 дена по заразата