Свет
2. December 2015 - 20:49

Антонов: Претседателот на Турција вклучен во трговијата на нафта со ИД

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и неговото семејство се вклучени во илегална трговија со нафта од џихадистичката Исламска држава, изјави денеска во Москва помошник-министерот за одбрана на Русија, Анатоли Антонов.

- Турција е главен корисник на нафта украдена од легалните сопственици во Сирија и во Ирак. Според расположливите информации, највисоките политички раководители на Турција, претседателот Ердоган и неговото семејство, вклучени се во таа криминална работа, истакна Антонов на брифингот во руското Министерство за одбрана за странските и домашните новинари.

Тој посочи дека Ердоган нема да ја признае вината „дури и кога лицето би му било намачкано со украдената нафта“, пренесува БТА.

Русија побара од Турција да дозволи пристап до местата, каде според податоците на Москва, се наоѓаат центрите за шверцуваната нафта на ИД.

На брифингот беа прикажани и видео и фото материјали со кои Русија гии документирта своите тврдења.

- Русија ќе продолжи да ги бомбардира нафтените цели на ИД. Руската армија не забележува дека Американците ги напаѓаат танкерите на исламистите, посочи Антонов.

Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека екстремните исламисти од шверцот со нафта годишно заработуваат околу две милијарди долари.

Началникот на централната оперативна управа на Генералштабот на војската на Русија, Сергеј Рудској наведе дека се идентификувани три патишта по кои нафтата од Сирија се шверцува во Турција.

- Водачите на бандите и турската елита ја крадат сириската нафта во големи количества, истакна Рудској, додавајќи оти руската армија изминатите два месеца уништила 11 рафинерии и уште 32 објекти каде ИД произведува нафта.

Рудској потенцира дека „патот на нафтата“ почнува во сирискиот град Деир ал Зор и завршува во рафинаријата Батман во Турција.