Свет
6. October 2016 - 17:27

Антонио Гутереш е избран за нов Ген - Сек на ОН

Со 13 охрабрувачи гласови, два неутрални и ниту еден обесхрабрувачки, Антонио Гутереш е избран за нов генерален секретар на Обединетите нации од страна на 15-члениот Совет за безбедност.

Поранешниот португалски премиер и поранешен Висок комесар за бегалци на светската организација во 6 круга гласање не доби ниту еден глас против од 5-те постојани членки кои имаат право на вето.

Изборот помина во стравување од руско вето со оглед на очекувањата следниот генерален секретар да биде од Источна Европа.

Македонскиот кандидат за прв човек на Обединетите нации Срѓан Керим гласањето го заврши со 5 охрабрувачки, 9 обесхрабрувачки и еден неутрален глас. Веднаш по изборот Керим му честиташе на Гутереш.

,,Ми беше исклучително голема чест да учествувам во трката за избор на генерален секретар на ООН. Тоа го толкувам како големо признание од страна на мојата држава Република Македонија за повеќе од тридецениската дипломатска работа. Му честитам на Антонио Гутереш на изборот за генерален секретар на ООН, и му посакувам успех во исполнување на оваа исклучително тешка и одговорна задача’’, стои во пишаната изјава на Керим. 

Керим искажа голема благодарност до Владата и МНР, како и до сите што го поддржуваа и придонесоа за неговата изборна кампања. Тој додава дека конечниот резултат очигледно е сплет на околности врз кои ниту тој, ниту Македонија не можеа да влијаат.

Гутереш пред изборот најави дека приоритет на неговиот мандат ќе биде превенција на сите полиња.

67 годишниот нов генерален секретар на светската организација, функцијата ќе ја преземе од Бан Ки Мун на 1 јануари.