Свет
26. July 2021 - 14:16

Антиваксери во Полска нападнаа центар за вакцинација против Ковид-19

Двајца противници на вакцинацијата против Ковид-19 се уапсени вчера во Гродиск Мазовиецки во Полска кога се обидоа со група демонстранти насилно да влезат во центар за имунизација против коронавирусот.

Две лица се полесно повредени во тепачка со персоналот и припадниците на обезбедувањето во центарот за вакцинација, објави полската полиција.

– Добивме повик дека група луѓе се обидуваат да влезат во зградата на центарот за вакцинација. Имаше тепачка меѓу нив и персоналот на центарот. Повикавме брза помош за две лица кои беа полесно повредени. Групата демонстранти потоа заминаа. Уапсивме двајца, изјави портпаролката на локалната полиција, Катажина Зих.

Протестите пред центарот за вакцинација беа организирани од групата Полски жолти елеци, кои можат да се пофалат дека се борат за слобода за сите, но најмногу за организација на антиваксерски настани, како на пример излети против вакцини.

Полскиот министер за здравство Адам Њедјелски предупреди минатата недела дека делта мутацијата полека ги потиснува останатите варијанти на Ковид-19 во Полска и земјата може да го очекува четвртиот бран на пандемијата на коронавирус кон крајот на летото, во втората половина на август.

Најлошото сценарио повторно предвидува 10.000 до 15.000 новозаразени дневно, а полската Влада секојдневно апелира до Полјаците да се вакцинираат што е можно побрзо, и ја разгледуваат можноста за задолжителна вакцинација.

– Кога луѓето не можат да бидат убедени од рационални аргументи и кога лотаријата со многу интересни награди не ги донесе очекуваните резултати, тогаш државата мора да прибегне кон други средства. Ако Полјаците не сакаат да се вакцинираат, тогаш треба да бидат принудени да го сторат тоа, истакна минатиот месец лидерот на полските владејачки конзервативци, вицепремиерот Јарослав Качински.

Во Полска досега со две дози или со една според упатствата на производителот на вакцините против Ковид-19 се имунизирани 44,6 отсто од населението.