Балкан
14. February 2018 - 11:10

Антитерористичка операција на турските сили вo Дијарбекир

Властите во југоисточниот турски округ Дијарбекир денеска воведоа полициски час во 176 реони, поради спроведување на масовна антитерористичка операција.

Забраната за излегување на улиците стапи во сила во 8 часот по локално време во 71 село и 105 ненаселени територии, кои се користат како земјоделски површини или се наоѓаат во шумски области.

Во соопштението на локалните власти се наведува дека во тие области може да се наоѓаат високи членови на сепаратистичката организација Курдска работничка партија (ПКК), кои мора да се отстранат.

Во округот ќе се спроведе операција за уништување на засолништа, магацини и други објекти што ги користат терористите, а ќе се одзема и оружје, муниција и средства за комуникација на припадниците на ПКК.

Засега не е одредено колку време ќе трае полицискиот час.

Турција Војници

Антитерористичката операција се спроведува паралелно со офанзивата на турската армија во северна Сирија наречена „Маслиново гранче“, насочена против Силите за заштита на народот на сириските Курди. Според Анкара, Силите за заштита на народот се огранок на ПКК во Сирија.

Генералштабот на турската армија денеска соопшти дека во офанзивата „Маслиново гранче“ досега се неутрализирани 1.485 „терористи“ во реонот на градот Африн.

Во соопштението се додава дека само денеска се убиени 46 „терористи од Силите за заштита на народот, Курдската работничка партија, Партијата на демократската унија и екстремисткичката група Исламска држава“.

Офанзивата на турските вооружени сили „Маслиново гранче“ почна на 20 јануари.