Македонија
8. March 2018 - 8:45

Антикорупциска во оставка

По оставките на претседателот на ДКСК Игор Тантуровски, а претходно и членот на Комисијата и нејзин поранешен претседател Горан Миленков, вчера оставки поднесоа и членовите Сејди Халили, Фарие Алиу и Жаклина Дамчевска.

Оставките ги поздрави премиерот Зорасн Заев и порача дека е можно ослободување на институциите доколку има транспарентност, отчетност и одговорност. Вели дека на Македонија и треба сериозна Антикорупциска комисија, која ќе почива на сите потребни меѓународни пракси и ќе биде будното око на следење на извршната власт и на се што има допир со народните пари,

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека треба да се честита одлуката и дека е добро што дојде време да се поднесуваат оставки од морални причини. Според него, треба да се почека да заврши  целиот процес за да се види како ќе оди назначувањето на нови членови  во Комисијата.

Оставките се поднесени по ревизорскиот извештај на УЈП за работата на антикорупционерите, во кој беа наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.

Ревизорскиот извештај од УЈП констатирал дека антикорупционерите си исплаќале патни трошоци за доаѓање на седници. Исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози.

Поднесувале три патни налози за ист ден, односно дека член на комисијата истиот ден бил во странство и на седница на комисија, стои во извештајот на ревизијата.

Членовите на Антикорупциска земале пари од буџетот и по основ на поголема искажана километража, односно тие кои не живеат во Скопје покажувале повеќе километри за да стигнат до Скопје. 

Покрај овие нерегуларности во ревизорскиот извештај како ненаменско трошење на буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување на стан.