Македонија
22. April 2021 - 19:57

Антикорупциска поднесе иницијатива до Обвинителството за случајот „Холидеј Ин“

Иако знаеле дека ДУП-от за паркингот спроти Холидеј ин не е усогласен со Генералниот план, поранешните градоначалници на Центар, Тодоровиќ и Жерновски не презеле ништо за стопирање на планот. Антикорупциска смета дека со тоа, тие и службеници во општина Центар, Град Скопје и Транспорт ја злоупотребиле службената положба. Сега, ДКСК до ОЈО поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службените лица, но и за двајцата планери и фирмата „Билт“ ДООЕЛ Скопје која го изработила планот.

-Оваа иницијатива е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП Голем Ринг за општина Центар за 2012 -2017 година тие ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа прибавиле значителна имтона корист за сопствениците на градежната парцела 1.1. од ДУП во делот Голем ринг, истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Во очекување на одлуката на Центар дали ДУП-от ќе се суспендира или инвеститорот ќе даде дозвола за градба, премиерот Заев вели дека ако се исполнети сите законски услови дозволата мора да биде дадена.

-Доколку се запазени сите законски услови кои што ги имаат внатре, согласно Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, согласно Генералниот план и Деталниот план општина Центар за самата парцела не може да никој да спречи барање за одобрение за градба, вели Заев.

Иако вети дека денеска ќе го каже своето мислење дали Центар треба да го суспендира ДУП-от, скопскиот градоначалник денеска не излезе пред јавноста за да одговори на дилемите.

Елаборатот за суспензија е изготвен, но се чека да биде ставен пред Советот на општина Центар.