Бизнис
9. March 2023 - 16:36

Антикорупциска отвори предмет за автопатиштата

Антикорупциска ќе ги истражува фирмите кои ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10Д. Повеќе од една недела собирале документи од надлежните институции, а за процесот велат дека ќе оди тешко и бавно. Дополнителен проблем е што две од фирмите се во странство.

Ова ќе одземе малку подолго време додека ги собереме сите документи, меѓутоа ако се има предвид фактот дека е огромен тендер од огромна вредност, мислам дека вреди да се почека таа документација и дополнително време за нејзино анализирање. Две се странски фирми и истражувањето за нив ќе биде малку ограничено. Доколку биде потребно ќе се подрудиме да најдеме дополнителни информации и за тие“ – Катица Николовска, ДКСК

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за првпат во светската историја кинеска фирма ќе врши надзор на работа од американска компанија, алудирајќи на „Ептиса“, која е дел од конзорициумот за надзор на изградбата на коридорите.

Од 2016 година сопственик на шпанската компанија Ептиса е кинеска компанија и во менаџментот на Ептиса, односно генералниот директор на компанијата е Кинез. Сопственичката структура е повторно кинеска компанија. Кога ја лажат македонската јавност, треба да се свесни дека се лажат и себеси. Не знам дали луѓето од американската администрација се свесни за ова, но претпоставувам дека после ова ќе бидат свесни“– Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Не е проектирана ниту една траса од четирите автопати за кои вчера Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“, ама се знае дека ќе чинат 1,3 милијарди евра. Не е почнат ни процесот на експропријација на приватните имоти кои се наоѓаат на трасите, а за кои треба да се издвојат плус 300 милиони евра.

Во СДСМ, пак, и денеска слават. Велат ова е историска инвестиција во патната инфраструктура.

Со изградбата на овие четири нови, модерни автопати, ја унапредуваме патната инфраструктура и овозможуваме поврзување со нашите соседи, а преку тоа и поврзување со важните трговски пристаништа од регионот. За цели 32 години во нашата држава се изградени 186 километри автопати, а со овој договор, за само пет години, градиме 110 километри, модерни, европски, автопати“ – Миле Талески, СДСМ

Праксата покажува дека километар автопат во Македонија се гради со години. Се уште не е готов автопатот Кичево-Охрид долг само 57 километри. Беше почнат во 2014 и требаше да заврши во далечната 2018. Изградбата на Миладиновци-Штип неколкупати се одложуваше, па откако се пушти во употреба, една лента е често затворена поради реконструкција или одрони. Уште се градат и петте километри од Катланово до Петровец кои требаше да бидат готови уште пред 3 години.