Македонија
18. August 2022 - 16:37

Антикорупциска отвора предмет за нерационално трошење во ек на пандемија

Во период на корона пандемијата, државните институции набавиле околу 150 луксузни возила во вредност од 3.5 милиони евра, покажува анализата за јавни набавки на центарот за граѓански комуникации. Од Државната комисија за спречување на корупцијата известуваат дека не е утврдена потребата за набавката на скапи возила во време на криза. Од Комисијата апелираат до владата да воведе одредени мерки, кои ќе ги принудат институциите разумно да ги трошат државните пари.

Ние предложивме мерка и во стратегијата и доставивме до вицепремиерката за добро владеење дека е добро како мерка сите службени возила да бидат обележани со посебни регистарски таблички во една боја, мерка која може да се спроведе во една година и ќе ни даде увид особено во неработното време каде се движат тие службени возила за кои сме сведоци навистина се користат за приватни цели.

Според Комисијата, иако набавката на службени возила е предвидена со буџетите на сите институции, владата треба строго да ги утврди правилата за набавка на службени возила.

Во однос на злоупотреба на службена положба, против директорот на службата за општи и заеднички работи пак, поднесена е анонимна пријава со која се сомничи за злоупотреба на државни сретства и ресурси, соопштуваат од Комисијата. Според пријавата, директорот при посета и организација на настан во Бугарија наместо предвидените новинарски екипи задолжени за следење на настанот, со себе земал вработени лица. По пријавата, Комисијата побарала од директорот да ја достави целосната документација за патувањето вклучувајќи го и бројот на новинари кои присуствувале на настанот.

Во законски утврдениот рок доставен е одговор од страна на директорот  на службата и целокупната документација за лицата кои биле упатени на службени патувања, од кое може да се утврди дека вработените патувањето го реализирале со три службени возила, но сепак не е достапна информацинјата за бројот на новинари за кои биле покриени патните трошоци.

Директорката на Комисијата апелира до Владата со цел избегнување на непотребни службени патувања, покрај извештаите за патни трошоци,  да се воведе задолжителен опис за причината на извршеното службено патување и поврзанота со институцијата која истото го спроведува. Анонимната пријава против Директорот заедно со целосната документација ДКСК ќе ја достави до Владата и вицепремиерката задолжена за ваквите прашања.