Македонија
16. December 2019 - 16:47

Антикорупциска немала доволно луѓе и средства за Ветинг - Заев повторно ги прозва дека имаат доволно

Повикот на Премиерот Заев за одлучна борба со корупцијата во судството не ги потресе надлежните институции. Повиканите да го срушат како што вели премиерот последниот бастион на заробената држава велат дека за тоа немаат капацитет.
Антикорупциска вели, закон за тоа има, но не и услови за негово спроведување

„Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување  потребно е зајакнување на постојните човечки и  материјално – технички услови и  вклучување на други истражни органи“ – вели претседателката на комисијата Билјана Ивановска за МИА.

Од судскиот совет кого премиерот го повика да испита зошто голем број на предмети застаруваат велат дека таа процедура тече веќе неколку месеци и ќе продолжи во иднина.

Премиерот Заев и денеска ги повика институциите да почнат со засилена проверка во судството. Им порача да работат со ресурсите кои во моментов им се на располагање, а државата ќе вложи напори да им овозможи подобри услови

Премиерот Заев вчера на партиска трибина порача проверка на потеклото на имотот на судиите и обвинителите мора да има како и одговорност за оние кои свесно дозволиле застарување на кривични предмети.