Македонија
27. December 2019 - 16:57

Антикорупциска ќе отвори предмет за свој член

Антикорупционерката Дојчиновска не гледа непотизам во одлуката нејзината ќерка да добие двегодишен мандат како советник во Постојаната мисија на Македонија при Европската Унија во Брисел. Во јавноста беше обелоденето дека Секретаријатот за Европски прашања за оваа позиција ја одбра Неда Дојчиновска и покрај тоа што на огласот се пријавиле вработени од Секретаријатот со повисоки квалификации од неа. За нејзината мајка Софка Пејовска Дојчиновска, која е член на Антикорупциската комисија, е интересно кога медиумите отворале вака сочни теми за публиката, но вели дека совеста и е чиста. Нејзината ќерка заслужено била унапредена.

“Мојата ќерка отиде во Секретаријатот за европски прашања во 2006 година и го изодува патот на административен службеник по сите нишани. Огласот по кој што е она избрана за претставник во канцеларијата на нашата мисија во Европската Унија е беспрекорно според мене. Но, вие апсолутно може да се обратите до СЕП и сите детали за спроведената постапка, конкурсот итн., да ги добиете непосредно од Секретаријатот. Не би било умесно од мене да објаснувам како е спроведена постапката, а непотизмот не знам каде би го нашла, со кого би била јас во непотистичка релација од позиција од која што сум со повеќе од 40 години во државни институции”, вели Софка Пејовска Дојчиновска, член на Државната комисија за спречување на корупција.

Одлуката Неда Дојчиновска да ја пополни работната позиција со дипломатско звање советник во Постојаната мисија на земјава во Брисел ја потпишал министерот за европски прашања Бујар Османи. До овој момент од неговиот кабинет не добивме одговор на прашањето според кој критериум ќерката на антикорупционерката е оценета за најсоодветен кандидат за оваа работна позиција.

Претседателката на Антикорупциска рече дека веќе разговарале за случајот и најави дека ќе отворат предмет.

“И во овој случај Комисијата исто така ќе си постапи, ќе си ги побара сите податоци во врска со назначувањето. Ние сакаме прво сите меѓу себе да се погледнеме во очи со чиста мисла и со чиста совест. Така што довербата се гради и меѓу нас и кон нас. Нема никаква дилема, ќе отвориме предмет, ќе си го изработиме, ќе го соопштиме и толку од нас” рече Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.

Инаку, Антикорупциска на својата интернет страница ја објави нацрт-стратегијата за спречување на корупција и судир на интереси, што ќе се спроведува во наредните 5 години. До 8 јануари секој може да достави сугестии и предлози, а потоа документот ќе влезе во собраниска процедура.