Свет
19. October 2015 - 10:07

Антиимигрантската СВП победи на изборите во Швајцарија

Антиимигрантската десничарска Швајцарска народна партија (СВП) извојува голема победа на вчерашните парламентарани избори во Швајцарија, јави ДПА.

Според се уште нецелосните изборни резултати, СВП освоила околу 28 проценти од гласовите, што ќе и донесе 65 места во 200-члениот Национален совет, односно 11 повеќе од досега, што претставува најголем број мандати во историјата на партијата.    

На второто место се пласира Социјалдемократската партија (СП) која освои 44 пратеници или два помалку од досега, а на третото десноцентристичката Слободна демократска партија - Либерали (ФДП-ДЛ), која во новиот систав на Долниот дом на швајцарскиот Парламент ќе има 33 мандати или три повеќе од досега. 

Конзервативната Христијанаско-демократска народна партија (ЦВП) загуби едно пратеничко место и сега ќе има 23, а Партијата на зелените го преполови бројот на свои пратеници сведувајќи го на само пет. 

Сепак, како што оценува ДПА, и покрај ваквото свртување в десно на швајцарските гласачи, не се очекува значителна промена на политиката во земјата, имајќи го предвид консезуалниот модел на управување, при кој во владата учествуваат сите големи партии. 

Што се однесува пак до составот на Горниот дом на Парламентот, Кантоналниот совет, вчера беа избрани само 26 од вкупно 46-те пратеници. Останатите 20 места ќе бидат распределени по две недели по одржувањето на вториот изборен круг во повеќе места, меѓу кои и во Женева, Берн и Цирих.

Како што јави ТАСС, од досега избраните членови на Кантоналниот совет, либералите освоиле осум мандати, СП и ЦВП по шест, СВП пет, а едно место добил независен кандидат.