Свет
11. April 2019 - 12:38

Анкета: Зеленски ќе победи на претседателските избори во Украина

Комичарот Володомир Зеленски ќе победи на вториот круг од претседателските избори во Украина, покажуваат податоците од анкетата објавена денеска.

Според истражувањето спроведено од агенцијата Рејтинг, направена пред вториот круг од претседателските избори, за Зеленски ќе гласаат 61 отсто од гласачите, а актуелниот шеф на државата Петро Порошенко ја има довербата на 24 проценти од испитаниците.

Во првиот круг Зеленски обезбеди 30,44 отсто освоени гласови, додека актуелниот претседател Петро Порошенко се наоѓа на второто место со освоени 16,15 отсто од гласовите. Поранешната премиерка Јулија Тимошенко, освои 13,16 отсто од гласовите.

Двајцата кандидати за претседател на Украина ќе се натпреваруваат во вториот круг што ќе се одржи на 21 април.

Зеленскиј е политичар, сценарист, актер и директор на украинското филмско студио Квартал 95. Тој ја играше улогата на претседател на Украина во популарната сит-ком „Слуга на народот“ во 2015 година. Политичката партија „Слуга на народот“ беше формирана во март 2018 година од страна на луѓето во продукцијата на Квартал 95, кои ја креираа истоимената телевизиска серија. Во минатомесечното интервју за „Шпигел“ Зеленски рече дека влегол во политиката за да ја обнови довербата во политичарите и дека сака да донесе „професионални и чесни луѓе на власт“. Се залага за влез на Украина во ЕУ и НАТО, но таа одлука да биде поткрепена на референдум. Најави цврста борба против корупцијата и силно владеење на правото.

Тој е роден на 25 јануари 1978 година и обајцата родители му се Евреи. Неговиот татко е универзитетски професор, а неговата мајка  е инженер. Дипломирал на економскиот универзитет во Киев, женет е и има две деца.