Македонија
18. April 2017 - 11:27

Анкета: Свеста за селектирање отпад висока, нема доволно контејнери

Речиси 90 отсто од граѓаните би го селектирале отпадот ако во близина на нивните домови има специјализирани контејнери за оваа намена, покажа истражувањето на Пакомак.

Младите помалку обрнуваат внимание на селектирањето отпад, а родителите постари од 30 години селектираат најмногу, и тоа со своите деца кои во просек имаат 7-13 години.

Анектата е спроведена во февруари годинава во Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Штип и Охрид, а со неа се опфатени 1.000 испитаници од различни старосни групи. Генерален е заклучокот, соопшти Пакомак, дека недоволниот број контејнери е главна причина за недоволното селектирање и рециклирање отпад.

- Истражувањето покажа дека граѓаните во поголемите градови имаат релативно висока свест и развиени навики за селетирање отпад. Вкупно 33,9 отсто од нив редовно или често селектираат барем еден вид отпад. Сепак, Битола и Скопје предничат и се двата града каде статистички граѓаните повеќе селектираат во споредба со другите, информира Пакомак.

Вкупно 66 отсто од анкетираните изјавиле декаглавна причина за неселектирањето отпад е немањето доволно контејнери, а само 11 проценти сметаат дека е во прашање немањето навика или свест.

- Ова упатува на заклучок дека обемот на селектирање и рециклирање може значително да се зголеми со бројот на кантите, односно достапноста. Оттаму, инвестициите во поголема достапност на канти, како и олеснувањето на самиот процес ќе донесе и зголемување на обемот на собраниот селектиран отпад, укажува Пакомак.

Според анкетата, само 17 отсто од испитаниците рекле дека во близина на својот дом имаат контејнери за селектиран отпад.

Во земјите од ЕУ кои имаат висока стапка на рециклирање отпад,  сет контејнери за селекција (жолт, син, зелен) опслужуваат 200-500 жители, зависно дали средината е урбана или рурална. Тоа, според Пакомак, би значело дека во РМ се потребни најмалку 4.000 локации за селекција или вкупно 12.000 контејнери за да може селективно да се одложува отпадот.