Македонија
15. October 2019 - 15:54

Анкета: САД најпријателска држава, Бугарија за една година станала најголем непријател

Во анкетата што денеска ја објави Центарот за европски стратегии Евротинк, за прашања поврзани со евроинтеграциите, од граѓаните кои сметаат дека државава би можела да има надворешни непријатели, како најнепријателска ја посочуваат Бугарија.

Анализата на Евротинк покажува дека за разлика од лани, негативното мислење за Бугарија се зголемило за 20 проценти, односно од 0,5 отсто  во 2018 година, сега изнесува 23,1 проценти, со што, според претставници на Евротинк, таа ја заменува традиционалната позиција на Грција.

– Анкетата се совпадна со бугарските позиции што излегоа пред неколку дена и со реактуализирањето на односите во Бугарија во нашата јавност. Така што во податоците голем дел од граѓаните почнуваат Бугарија да ја сметаат како државата што е непријателска кон нашата држава, со што „традиционалниот непријател“ Грција го заменуваме со Бугарија, рече директорот на Евротинк Љупчо Петковски.

На прашањето која би била непријателска држава кон земјава, 24,7 одговориле Грција, 23,1 Бугарија, 17,4 Албанија, Косово 4,4, САД 3,5, Русија 3,5, Србија 2,5 и ЕУ 1,3 проценти.

САД имаат најголема поддршка на прашањето „кој е најголем пријател на земјава“ со 10,4 отсто, по што следуваат Германија со 10,1, Србија со 8,5, Турција со 7,7 проценти, ЕУ 4,7, Бугарија 3,4, Албанија 3,2, Грција 2,5, Русија 2,2, НАТО 1,7 проценти.