Македонија
6. јуни 2023 - 16:35

Анкета на НДИ: Граѓаните најзагрижени за инфлацијата и животниот стандард

Високата инфлација е најголем проблем за граѓаните, а над половина од нив сметаат дека државата оди во погрешна насока, покажува последната анкета на Националниот демократски институт.

Дури 58% од испитаниците се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и пензии. 4 од 10 испитаници најмногу пари од семејниот буџет трошат на храна, а речиси половина од македонските граѓани не можат да ги подмират сметките на крајот од месецот. 

Граѓаните не се оптимисти за иднината, па речиси 40 отсто од нив очекуваат понизок животен стандард, економска состојба, плати и пензии во следните 12 месеци. 

Најголем виновник за ваката состојба граѓаните гледаат во Владата. Токму затоа 7 од 10 испитаници ги поддржуваат партиите кои ќе ја подобрат  нивната економска состојба. 

Ако утре се одржат избори над 70 проценти од граѓаните ќе излезат на гласање, од нив 21,5% ќе ги поддржат ВМРО-ДПМНЕ, 13,9% СДСМ.

Над 56% од граѓаните најчесто се информираат преку телевизиите, а Сител со 35% и натаму останува прв избор за информирање. На второ место е Алсат со 19%, Канал 5 со 16, а Алфа и Телма со по 8 проценти. 

Анкетата на Националниот демократски институт е спроведена во периодот од 13 до 24 април на репрезентативен примерок од 1003 испитаници.