Македонија
15. May 2022 - 16:36

Анкета на ИПСОС покажува зголемена предност на ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ вели дека анкетата е лажна

Опозицијата има речиси двоцифрена предност во последната анкета која за потребите на ВМРО-ДПМНЕ ја изработила агенцијата ИПСОС. 

Според неа, доколку утре се одржат парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 22% од граѓаните а за СДСМ нешто помалку од 13%. 

ДУИ има доверба од 6,2% по што следи Левица со 5,4, Алијанса со 2,8 и БЕСА со 2%.

17% се уште не одлучиле, додека нема да гласаат над 10,5% од анкетираните. 

Според истата анкета граѓаните сметаат дека најголем проблем во државата е лошиот стандард, односно високите цени наспроти ниските плати и примања. 

Близу две третини од граѓаните досегашното работење на премиерот Ковачевски го оцениле како лошо или многу лошо наспроти 35% кои го оцениле како добро или одлично.

Опозицијата смета дека токму во резултатите кои ги објавуваат агенциите за анализа на јавното мислење лежи и причината поради која власта бега од предвремени избори

Во СДСМ пак се на ставот дека анкетата е лажна 

Во однос на надворешната политика на Македонија и односите со Бугарија 39% од граѓаните сметаат дека треба да бараме реципроцитет за внесувањето на Бугарите во уставот заедно со писмени гаранции дека ветото ќе биде тргнато. 

32% анкетирани сметаат дека само гаранции ќе бидат доволни без потреба од рецпроцитет додека 10% сметаат дека не треба по поставуваме никакви услови за внесувањето на Бугарите во Уставот. 

Во однос на војната со Украина, 29% го поддржуваат Киев а 13% Москва додека најголем процент граѓани или 38% не поддржуваат ниту една од двете завојувани страни.

Анкетата на агенцијата ИПСОС е спроведена теренски по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 6 до 26 април врз репрезентативен примерок од 1000 испитаници.