Македонија
25. November 2016 - 16:05

Анкета на две недели пред изборите: Огромна предност за ВМРО - ДПМНЕ и Никола Груевски

Убедлива предност за ВМРО ДПМНЕ и огромна доверба во лидерот на оваа партија, Никола Груевски, покажува последната анкета на Брима Галуп на две недели до изборите. Груевски има двојно поголема доверба од лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Во Груевски веруваат 20.8% од испитаниците, наспроти 11-те проценти доверба за Заев. Анализиата на анкетата во делот кај македонските гласачи покажува уште поголема доверба за Груевски. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, ја има довербата кај 28,6 отсто од македонските гласачи. За претседателот на СДСМ, Заев, се изјасниле 13,1 процент од македонските гласачи.

ВМРО –ДПМНЕ пак е партијата, за која анкетираните во најголем процент се определиле дека ќе гласаат на овие избори. Во проценти тоа е 25,8, наспроти 16,7 проценти за СДСМ. Доколку се издвојат пак одговорите на Македонците што биле дел од ова испитување на јавното мислење, ВМРО-ДПМНЕ повторно е во значителна предност пред СДСМ. Високи 35,9 отсто се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 отсто за СДСМ.

За граѓаните најголем приоритет е подобрување на животниот стандард, вработувањето, па зголемувањето на личниот доход.

Кога одговарале на прашањето кој најдобро може да ги реши приоритетите на граѓаните, повторно довербата оди кон  владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Дури 26 отсто веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ може да го подобри животниот стандард, 16,8 отсто решението на овој приоритетен проблем го гледаат во СДСМ.

33 отсто од сите испитаници се изјасниле дека ВМРО-ДПМНЕ е поактивна во нивната средина и затоа ќе ја добие поддршката од населението, а за СДСМ тоа го сметаат 15,2%. Споредбено само во македонскиот блок гласачи, таа разлика е многу поголема – 45,5 се изјасниле за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а 19,8 проценти за СДСМ.

Оваа анкета на „Брима галуп“, е изработена на репрезентативен примерок од 1006 испитаници, во период од 11 до 17 ноември, за потребите на неделникот република. Брима Галуп е реномирана агенција за испитување на јавното мислење која ги изработува и истражувањата за потребите на престижниот американски Интернационален републикански институт, ИРИ.