Македонија
11. May 2017 - 16:22

Анкета: Македонија и политичката криза стануваат се поважни за бугарската јавност

Бугарската јавност будно ги следи случувањата во Македонија покажува истражувањето, што го спроведе Галуп Интернешнл – Бугарија.

Последните настани се многу важни за Бугарите смета мнозинството од испитаниците.

На прашањето дали тоа што во моментов се случува во Македонија е многу важно за Бугарија? – 52 отсто од испитаниците се согласуваат со таа констатација, 12 проценти не се согласуваат, а 36 немаат одговор.

Во прашањето намерно не е прецизирано што се подразбира под ,,тоа што се случува во Македонија", за да се измери истовремено чувствителноста кон тековните загрижувачки настани и генералниот однос на испитаниците кон оваа земја блиска за Бугарија.

Заклучокот институтот го вади и од претходните анкети според кои, Македонија е меѓу првите десет земји од вкупно 42, за кои Бугарите ги сметаат за блиски. Македонија исто така не е посочена меѓу земјите кои им се најдалечни на Бугарите.

Според институтот, меѓу политичките елити на двете земји има недоверба, но односите меѓу луѓето во целина се блиски.

Галуп интернешнл Бугарија смета дека доказ за тоа се резултатите од анкетите во 2015 година, во зенитот на политичката криза во земјава, кога била актуелна темата за евентуални бегалци од Македонија и Украина.

На прашањето дали бегалците од Македонија се закана за националната безбедност на Бугарија? - 67 проценти од Бугарите одговориле дека не се согласуваат со таквата констатација, наспроти 10 проценти кои се согласуваат. 23 отсто немале став.

Слично и на прашањето - Кое од следниве две е поблиско до вашето мислење? - 68 проценти од испитаниците изјавиле дека во целост односите со Република Македонија се прилично важни за Бугарија, за 7 проценти не се прилично важни, а 25 проценти не знаеле.

Според резултатите од анкетата, директорот на Галуп интернешнл – Бугарија, Прван Симеонов смета дека отвореноста на граѓаните на Бугарија кон Македонија е континуирана, иако во последните децении беше подложена на голем број предизвици.Од друга страна бугарските медиуми на широко информираат за настаните во земјава. Според него, тие 2 претпоставки значат дека темата Македонија ќе станува сè поважна за бугарското општество и нејзиниот надворешно политички интерес, вклучувајќи ја и европската интеграција на Македонија.

Анкетата е спроведена теренски во периодот од 13-ти до 20-ти март на примерок од 1000 лица.