Свет
22. November 2015 - 9:28

Анкета: Британците одобруваат операција врз ИД во Сирија

Мнозинство Британци се за вклучување на државата во воздушните операции врз Исламска држава во Сирија и за почнување копнена операција.

Според податоци на Сандеј експрес, 56 отсто Британци поддржуваат не само воздушни удари туку и ииспраќање копнени британски сили.

Податоците се од анкета на посетители на сајтот на весникот во кое биле опфатени над 30.000 луѓе. Само пет отсто сакаат Лондон да се ограничи само на воздушни удари во Ирак.

Слични резултати се добиени и во анкети на Индепендент и на Сандеј Мирор. Според анкета на Комрес, над 46 отсто од анкетираните поддржуваат почнување воздушни удари врз позиции наисламистите во Сирија дури и без резолуција на ОН.

Истата анкета покажува дека 70 отсто Британци се согласни да им бидат ограничени правата и слободите за целите на борбата со тероризмот, а 60 отсто поддржуваат уништување на британски исламисти во Сирија.

Во септември 2014 година британскиот парламент дозволи само удари врз позиции на ИД во Ирак. Се очекува парламентот да одобри и проширување на операцијата и во Сирија и таа да почне до крајот на оваа година.

Во интервју за Сандеј тајмс, британскиот министер за финансии Џорџ Озборн наведува дека Владата ќе купи 138 воени авиони со Стелт-технологија за 12 милијарди фунти.