Свет
28. August 2017 - 15:46

Анкета: Борут Пахор фаворит на претседателските избори

Словенечкиот претседател Борут Пахор најверојатно на изборите на 22 октомври ќе освои нов петтогодишен мандат, покажуваат резултатите од денеска објавената анкета во љубљанскиот весник „Дело“.

Според истражувањето на јавното мислење, кое го спроведе агенцијата „Еписцентар“, Пахор би можел да освои 37,2 отсто од гласовите, а на второ место би се нашол независниот кандидат и актуелен градоначалник на Камник, Марјан Шарец, со 23,1 процент.

На трето место, според истата анкета, би се нашла Људмила Новак, лидер на конзервативната партија „Нова Словенија“, со освоени 10,6 отсто од гласовите.

Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, двајцата најдобро пласирани ќе заминат во вториот круг од претседателските избори, кој ќе се одржи на 12 ноември.

Октомвриските претседателски избори претставуваат еден вид тест за рејтингот на политичките партии пред одржувањето на парламентарните избори кон средината на следната година.