Свет
11. December 2015 - 8:42

Анкета: Американците се против предлогот на Трамп за забрана на влез на муслимани во САД

Повеќето Американци се противат на предлогот на Доналд Трамп, претендентот за американски републикански претседателски кандидат, на муслиманите да им се забрани влезот во САД, додека секој четврти испитаник ја поддржува таквата идеја, покажаа резултатите од испитувањето на јавното мнение.

Резултатите од анкетата на Ен-Би-Си њуз и „Вол стрит џоранал“, прва после изјавата на Трамп која предизвика бура во јавноста, покажаа дека 57 отсто од испитаниците се против таквата идеја, додека 25 отсто ја поддржуваат.

Како што пренесува  Танјуг, 18 отсто навеле дека не знаат, односно немаат став кон ова прашање.

Анкетата покажала и дека Американците имаат позитивно мислење за муслиманите, точно 59 отсто, додека 29 проценти имаат негативен став кон нив.

Трамп ги отфрли критиките дека неговиот предлог на муслиманите да им се забрани влез во САД е неамерикански, и порача дека САД „сега се во војна“.

Според Трамп, забраната за влез на муслиманите во САД е неопходна, бидејќи САД всушност се во војна со муслиманските екстремисти, кои се одговорни за нападите, вклучувајќи ја и минатонеделната масовна пукотница во Сан Бернардино, во Калифорнија, кога беа убиени 14 лица.

Неговиот предлог го отфрлија многу негови колеги, кандидати за претседателската номинација од редовите на републиканците, наведуваат американските медиуми.

Трамп во понеделникот  повика на воведување тотална забрана за влез на муслиманите во САД, која треба да биде на сила се додека Конгресот не се изјасни за тоа.

Трамп преку соооштение наведе дека анкетите на јавното мнение укажуваат на омразата на муслиманите кон Американците, што може да резултира со нови напади.

-Без разлика на анкетите, на сите им е очигледно дека омразата е  несфатлива. Од каде таа омраза потекнува и зошто, тоа мораме да го утврдиме, истакна Трамп.

Тој додаде дека додека тоа не се направи и не се сфати проблемот и опасноста која ја претставува оваа закана, САД не можат да бидат „жртва на ужасните напади на луѓе кои единствено веруваат во џихад и немаат чуства, нити почитување за човечкиот живот“.