Македонија
27. May 2019 - 9:39

Анимираниот филм „Една“ на Вук Митевски на фестивал во Краков

Краткиот анимиран филм „Една“ на Вук Митевски премиерно ќе биде прикажан на 59. Интернационален филмски фестивал во Краков, во главната конкуренција за кратки и анимирани филмови.   Ќе се прикажува на 28 и 30 мај и ќе биде во трка за наградата „Сребрен змеј“ за најдобар анимиран филм, со уште девет анимации од цел свет.
 
– „Една“ е 11-минутна анимација која беше инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи реката човечки судбини. Во суштина „Една“ е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни скоро три години за да ја изработи оваа магична анимација, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
 
Филмот е копродукција со Белгија и поддржан од Агецијата за филм. Сценариото е на Теона Стругар-Митевска. По претходниот успех со повеќекратно наградуваната анимација „Алерик“, ова е четврти анимиран филм на Вук Митевски.
 
Интернационалниот филмски фестивал во Краков се вбројува во најдобрите десет фестивали во светот посветени на анимираните филмови и е меѓу ретките фестивали кои водат до директна номинација за наградата Оскар во категоријата на кратка анимација.